Финишира домашното кошаркарско првенство. Месец Мај е резервиран за најдобрите, за борба за тронот во женската кошарка. Очекувано, пласман во финалето обезбедија ЖКК Бадел 1862 и ЖКК Баскет Кам. Нови шампионки ќе бидат кошаркарките коишто први ќе стигнат до 3 победи. Првото место во регуларниот дел од сезоната на баделки им ја обезбеди предноста на домашниот терен.

Позади сино – жолтиот тим е исклучително напорна сезона на домашен и меѓународен план. Санче, Нена, Ивана и другарките во изминатите седум месеци одиграа 45 официјални натпревари, 18 (5/13) во WABA лигата, 1 (1/0) Супер куп натпревар, 2 (1/1) во националниот Куп и 24 (23/1) во домашното првенство – во просек нешто повеќе од 6 натпревари месечно. Исправени пред бројните непредвидливи проблеми (повреди, Ковид,..), речиси 3/4 од сезоната без повредениот капитен – Сања Адамовска, во пеколниот Среда – Сабота ритам, баделки ја одиграа историски најдобрата WABA  сезона, а во домашното првенство супериорни лидери.

Пред нас е големото финале, шлагот на тортата, борбата за тронот во македонската женска кошарка!

Баделки влегуваат во финалната серија максимално подготвени, во исклучително позитивна атмосфера со единствена цел, крунисување на сезоната 21/22 со шампионскиот пехар!

Финалната серија започнува на 12.05.2022 година. Спортската сала Независна Македонија во Скопје ќе биде мегданот кадешто со почеток во 20:00 часот ќе се одигра првиот од максималните 5 натпревари, со директен пренос на МТВ3 и стрим на БаделТВ.

 

💙💛  ОДИМЕ КОН ЦЕЛТА!   💙💛

💙💛  НАПРЕД БАДЕЛ!   💙💛

11.05.2022

ЖКК БАДЕЛ 1862