Историјата на клубската македонска женска кошарка е сино – жолта!

Сино – жолтиот тим предводен од Перо Стамевски ја игра сезоната од соништата. После првата историска победа во WABA лигата (надополнета со уште 3 во Групната фаза) и историскиот пласман во WABA елитата на ред дојде и првата Суперлигашка победа во регионалната елита.

Вечерва, и покрај крајно неповолниот здравствен билтен, баделки, во едно од најдобрите свои изданија ја совладаа екипата на Триглав од Крањ со резултат 69:44 (26:10, 10:19, 18:4, 15:11).

Развојот на настаните го најавија уште во првата четвртина, кога со маестрална игра во одбраната и нападот се стекнаа со големи +16 поени разлика. Гостинките се обидоа да фатат резултатски приклучок во втората четвртина којашто ја добија со +9 поени разлика. Меѓутоа, сино – жолтата фурија стапи на сцена во третата четврина, којашто завши со +14 поени предност, четвртина во која гостинките постигнаа само 4 поени. Стекнатата предност рутински беше надградена за конечни +25.

Блескава вечер имаше Сара Максимовска, со постигнатите 15 поени (71%  – шут од поле, 60% за три поени, 100% за два поени и од линијата за слободни фрлања), 5 асистенции и 4 украдени топки.

Фантастичната Нена Трајчевска постигна исто така 15 поени, оствари 9 скока, по 2 асистенции и украдени топки и 1 блокада.

Недоволно закрепнатата Ивана Кметовска постигна 13 поени, 3 скока, 4 асистенции и 3 украдени топки.

Неуморната Александра Стојановска забележа 12 поени, 8 скока, по 4 асистенции и украдени топки.

Големиот работник на терен, Kaitlyn Mathieu забележа 9 поени, 10 скока и 2 асистенции.

Цветанка Димова и Марија Димитријевиќ, и покрај сите здравствени згоди и незгоди, го оставија срцето на терен, постигнаа 3  односно 2 поени.

Покажаа баделки вечерва дека кога се игра со срце, со 100% мотивација, одговорно и дисциплинирано, не постои пречка што неможе да се прескокне!

Вечерашнава победа воедно е и прва победа којашто било која македонска екипа ја има остварено против екипа од Словенија.

На кошаркарките на Триглав им честитаме за фер и коректниот натпревар и им посакуваме здравје и успех во иднина.

БАДЕЛКИ, НАКЛОН ДО ПОД!

ВИЕ СТЕ СВЕТЛАТА СТРАНА НА МАКЕДОНСКАТА ЖЕНСКА КОШАРКА И “ВИСТИНСКИ ВИНОВНИЦИ” ЗА ЗГОЛЕМЕНИОТ УГЛЕД НА МАКЕДОНСКАТА ЖЕНСКА КОШАРКА ВО МЕЃУНАРОДНИ РАМКИ!

 

💙💛  СРЦЕ НА ТЕРЕН  ЗА БАДЕЛ!   💙💛

25.01.2022

ЖКК БАДЕЛ 1862