Утре официјално започнува WABA Супер лигата, започнува разигрувањето помеѓу осумте најдобри екипи во WABA лигата. Прв пат во историјата на ова регионално натпреварување и македонската женска кошарка ќе има свој претставник. За овој голем успех се погрижија кошаркарките на ЖКК Бадел 1862, нашиот најтрофеен клуб!

Баделки утре во Подгорица, со почеток во 18:30 часот ќе ги вкрстат копјата со супер квалитетната екипа на Будуќност Бемакс.

Будуќност Бемакс е актуален вице-шампион во регионалната WABA лига, а оваа сезона е еден од главните кандидати за освојување на шампионската титула.

Во групната фаза од натпреварувањето се натпреваруваше во Групата А, кадешто со скор 10/10 убедливо го освои првото место. Во просек постигнува по 82.3 поени/натпревар, притоа остварувајќи по 44.3 скокови, 22.8 асистенции, 12.9 украдени топки… Импресивно!

22-годишната Мина Ѓоргевиќ со просечните 15.5 поени/натпревар и 9.1 скок/натпревар е вистински лидер на тимот, додека 18-годишната Марија Лековиќ е најдобар асистент со просек од 5.8/натпревар, а притоа во просек има и 3.5 украдени топки/натпревар.

Станува збор за релативно млада, но квалитетна екипа којашто утре ќе ја има улогата на фаворит….и не само утре, туку и во целокупната Супер лига.

Баделки отпатуваа денес во Подгорица во некомплетен состав, но подготвени утре да го дадат најдоброто од себе!

Ќе одиграат баделки утре натпревар со срце, бидејќи поинаку незнаат!

Ќе одиграат баделки натпревар за реномето на клубот што го претставуваат, за сопственото но и за реномето на македонската женска кошарка!

 

💙💛  НАПРЕД БАДЕЛ!   💙💛

04.01.2022

ЖКК БАДЕЛ 1862