Пред една година се роди wbcbadel1862.com.mk. Се роди во информативната темнина во којашто се наоѓаше женската кошарка во Македонија. Малото Баделче мораше самостојно да се бори за по некој зрак светлина. На почетокот со големи потешкотии, но Баделче беше упорно во осварувањето на својата цел – целосна информативна (промотивна и афирмативна) светлина за женската кошарка во Македонија.

Баделче го отвори своето срце за сите активни и пасивни чинители во домашната женска кошарка. Секојдневно, ажурно, точно и прецизно информираше за сите постигнувања на сите, ама баш за сите женски кошаркарски клубови, за сениорки, за кадетки, за јуниорки, за пионерки… За сите. Тој наш пристап за кратко време наиде на одобрување кај посетителите и набргу пристигнаа првите позитивни резултати.

Посетеноста на сајтот растеше од месец во месец. Интернет-медиумите, чиј интерес е кошарката, започнаа срамежливо, но сè почесто и почесто да објавуваат информации за домашната женска кошарка. Се воспостави и потесна соработка со интернет- порталите бидејќи првата цел на wbcbadel1862.com.mk беше во јавноста да почнат да циркулираат што е можно повеќе информации за домашната женска кошарка. Се разбуди и куќата на кошарката, којашто започна поажурно да објавува информаци и резултати од женската кошарка.

ЖКК Бадел 1862 преку интернет-видео стримовите од своите натпревари во сите конкуренции, од М14 до сениорки, ги направи  достапни сите натпревари за непречено следење на нашиот портал во секцијата БаделТВ, со единствена цел – поттикнување на интересот за женската кошарка кај сите вљубеници во овој спорт и секако кај младата популација.

Нашиот портал и понатаму ќе биде отворен за сите активни и пасивни чинители во женската кошарка.

Многумина ни го поставија прашањето:

Зошто ги промовираме сите женски клубови, а порталот е на ЖКК Бадел 1862?

Одговорот е едноставен: И покрај тоа што ЖКК Бадел 1862 е најтрофејниот и најквалитетниот домашен женски кошаркарски колектив, колектив со 45-годишна традиција, репрезент на македонската женска кошарка дома и на меѓународна сцена, колектив којшто давал, дава и ќе дава најмногу репрезентативки во сите категории, има одговорност и обврска за развојот на женската кошарка. Доколку тонеме и потонеме прво во информативен мрак за женската кошарка, доколку не се подигне интересот за истата кај младата популација, доколку не се подигне севкупниот интерес, ниту ќе има женска кошарка во нашата земја, ниту ќе постојат ЖКК Бадел 1862, ЖКК Гостивар, ЖКК Вардар, ЖКК Струга, ЖКК Работнички и другите екипи. Ете затоа бевме и ќе бидеме отворени за сите.

Со големо задоволство, во месецот во којшто Баделче го слави својот прв роденден, можеме да потврдиме дека ја остваривме првата цел на нашето постоење, медиумско раздвижување на тема женска кошарка.

Упатуваме голема благодарност на сите наши посетители од Македонија, Америка, Србија, Унгарија, Ирска, Хрватска, Бразил, Чешка, Грузија, Кина, Босна и Херцеговина, Русија, Грција, Албанија, Полска, Црна Гора… (долга е листата на земји од каде што имаме фанови), со ветување дека ќе продолжиме точно и правовремено да информираме за случувањата во македонската женска кошарка и пред сè за ЖКК Бадел 1862.

 

Вкупен број на земји коишто пристапиле на најмалку 1 содржина 152 / 5 континенти
Вкупен број на земји коишто пристапиле на најмалку 30 содржини 70 / 5 континенти
Вкупен број на посети 46720 128 /ден
Вкупен број на прегледани содржини 456633 1251/ден

 

А за првиот роденден, на Баделче му пораснаа и првите запчиња!

Продолжуваме понатаму, освежени и мотивирани, кон следната цел!

Бидете живи и здрави!

Ве сака и почитува,

💙💛 www.wbcbadel1862.com.mk 💙💛

 

 

 

 

23.10.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862