Државниот празник, 8-ми Септември, оваа година ќе биде и празник на женската кошарка.

Најтрофејниот македонски женски кошаркарски колектив, ЖКК Бадел 1862, во пријателски натпревар ќе ја пречека екипата на ЖКК Црвена Звезда од Белград, Србија.

На гости ни доаѓа една од најсилните женски кошаркарски екипи којашто било кога одиграла натрпевар во Македонија, актуелен првак во Србија, земја кoјашто е Европски шампион во женската кошарка. Ќе го угостиме 32 – кратниот шампион на Србија, екипата којашто во својата ризница има и 13 титули од националниот Куп, 1 освоен Куп на Европските шампиони и актуелен учесник во Евро купот.

За љубителите на женската кошарка, утрешниот натпревар ќе биде прилика за уживање во надмудрувањата помеѓу најтрофејниот македонски и најтрофејниот србски женски кошаркарски колектив.

Огромен е интересот кај љубителите на женската кошарка за следење во живо на овој пријателски натпревар, интерес којшто за жал, нема да може да се задоволи во целост поради строгите протоколи за организирање на спортски натпревар во затворен простор за време на пандемија со Ковид 19.

Сепак, овој натпревар треба да послужи и како дополнителен импулс во правец на популаризација на женската кошарка во нашата земја и секако, зголемување на интересот кај младата популација за кошарката.

Натпреварот ќе се одигра во Среда, 08.09.2021 година во 18:30 часот во спортската сала Независна Македонија, Кисела Вода, Скопје.

 

 

ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД 19, ЌЕ СЕ ПРИМЕНИ ПРОТОКОЛОТ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА СПОРТСКИ НАТПРЕВАР ВО ЗАТВОРЕН ПРОСТОР: ИСПОЛНЕТОСТ- 30%, СЕРТИФИКАТ ЗА ВАКЦИНИРАНОСТ, СЕРТИФИКАТ ЗА ПРЕЛЕЖАН КОВИД 19 НЕ ПОСТАР ОД 45 ДЕНА, НОСЕЊЕ МАСКИ, ДРЖЕЊЕ ДИСТАНЦА…

07.09.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862