Денес завршува ултра-кратката кошаркарска сезона во категоријата кошаркарки до 18 годишна возраст. Поради сите проблеми и ограничувања што ги наметна пандемијата со Ковид 19 и немањето на услови за организирање на првенство во класичен формат, куќата на кошарката одлучи во текот на месец Јуни  да се организира скратен систем на натпреварување, по принцип на елиминации и Ф4, систем којшто во нормални услови би бил адекватен за куп натпреварување. Екипите на ЖКК Бадел 1862, ЖКК Струга, ЖКК Вардар и ЖКК Крива Паланка се екипите во коишто е сконцентриран најголемиот квалитет во конкуренцијата М18 за кошаркарки. Доколку имавме организирано првенство со стандарден систем на натпреварување, многу веројатно е дека првите 4 места на табелата ќе ги заземеа горенаведените екипи.

Овогодинешниот систем на елиминации и костур на натпревари до Ф4, беше исклучително тежок за младите баделки.

“Ждребувањето посака” во првото елиминациско коло, коло после кое поразената екипа го завршува натпреварувањето, нашите млади баделки да се сретнат со екипата на ЖКК Вардар. Многумина овој натпревар го прогласија за финале пред финале. Сино-жолтите, во изедначен натпревар, ја совладаа екипата на ЖКК Вардар со резултат 55:49. Голема победа, голем успех на нашиот тим, успех кој го трасираше патот до Ф4.

Во второто елиминациско коло, баделки се сретнаа со екипата на ЖКК Трокал од Кавадарци. Извојуваа лесна победа од 53:28, победа со којашто го потврдија пласманот на Ф4.

Костурот на натпревари “посака”, баделки во полуфиналето да се сретнат со квалитетната екипа на ЖКК Крива Паланка. Уште едно дерби на патот до големото финале, Нашите младинки, со победата од 54:44 го визираа своето учество во големото финале, кадешто ќе се сретнат со екипата на ЖКК Струга.

Во исчекување на финалето, баделки го потврдуваат старото непишано правило …. ако сакаш да си прв, мораш да ги победиш сите свои конкуренти…..

Во досегашниот тек на натпреварувањето, сино-жолтите младинки извојуваа две победи над директните конкурентки за шампионската титула.

За третата, 100% мотивирани и со огромна самодоверба, ќе се потрудат денес, во 19:30 часот, во СРЦ Кале (голема сала)!

💙💛 НАПРЕД БАДЕЛ! 💙💛

20.06.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862