Утре, со почеток во 15:30 часот, во Македонска Каменица ќе се одигра четвртиот натпревар од финалната серија за шампионската титула. Две желби, а едно прашање: 2:2 или 3:1? Ќе добиеме утре одговор на прашањето, ќе бидеме сведоци на крај на кошаркарското сениорско првенство или сепак титулата ќе се додели по одигрувањето на петтиот натпревар. Според најавите, натпреварот пошироката публика ќе може да го проследи низ директен пренос на националната МТВ (конечно!).
Ќе проследиме докрај неизвесен натпревар на двете најквалитетни домашни екипи, прилично заморени од досегашните натпревари со згуснат распоред, натпревар во којшто екипата којашто ќе биде посмирена, екипата којашто помалку ќе греши, ќе има поголеми шанси да се израдува на победата, натпревар во којшто уште еднаш ќе ги проследиме надмудрувањата помеѓу Стојановска и Гобељиќ, Трајчевска и Брајковиќ, Лазаревска и Митрашиновиќ. Екипата на ЖКК Баскет Кам е во резултатска предност, меѓутоа баделки на сите досега одиграни натпревари во Македонска Каменица покажа карактер, смиреност, покажа како се победува на гостински терен. Рецептот за брејк во Македонска Каменица е психолошката стабилност, ладна глава, смиреност и дисциплина во играта.
Баделки, и покрај отсуството на Адамовска, Димова и Јоловиќ, ќе настапат на натпреварот без подигнато бело знаме, како и секогаш ќе атакуваат на победа, победа којашто ќе ја врати серијата на одлучувачки натпревар во Скопје.
💙💛 ГЛАВАТА ГОРЕ, БАДЕЛКИ! ОДИМЕ НА ПОБЕДА! 💙💛
28.05.2021
ЖКК БАДЕЛ 1862