Полека, но сигурно влегуваме во една драматична и одлучувачка фаза од борбата за шампионската титула во женска сениорска конкуренција. Во Среда, во спортската сала Независна Македонија ќе се одигра третиот финален натпревар, при резултат 1:1. Победникот од овој натпревар во Сабота ќе ја има првата меч топка.
Отсуството на Димова, Адамовска и Јоловиќ, заморот и деконцентрацијата во последната четвртина беа пречка баделки на гостувањето во Македонска Каменица да се изборат за брејк победа и меч топка на свој терен. Ослабената екипа на ЖКК Бадел 1862, составена исклучиво од домашни кошаркарки, вистински спој на младост и искуство, во минатиот натпревар покажа дека поседува шампионски карактер. Негативата од 20 поени разлика на полувреме и развојот на настаните во второто полувреме се вистински доказ за тоа. Доказ којшто на поразот во Македонска Каменица му дава победнички шмек и психолошка предност пред следните натпревари.
Ќе атакуваат баделки на победа во Среда во Скопје, за водство од 2:1 во финалната серија. Фаворизираниот и интернационален состав од Македонска Каменица ќе биде добродојден гостин во Скопје, меѓутоа победата ќе отиде на контото на ЖКК Бадел 1862.
💙💛 НАПРЕД БАДЕЛ! ВО СРЕДА ОДИМЕ НА 2:1! 💙💛
24.05.2021
ЖКК БАДЕЛ 1862