Возбудлива беше завршницата на Супер лигата, завршница којашто одлучуваше за првата и четвртата позиција.

Во Скопје, во салата Независна Македонија се одигра супер-дерби натпреварот помеѓу екипите на ЖКК Бадел 1862 и ЖКК Баскет Кам на којшто се решаваше која од двете екипи ќе го обезбеди првото место во годинешната Супер лига. Во изедначен и до крај неизвесен натпревар, во којшто двете екипи постојано се менуваа во водство, поснаодлива и посреќна во финишот од натпреварот беше гостинската екипа од Македонска Каменица, којашто победи со резултат 57:54 (16:21, 19:11, 9:13, 13:9). Сепак, и покрај поразот, екипата на ЖКК Бадел 1862 благодарение на победата на првиот натпревар од 78:68, го задржа првото место во Супер лигата коешто ја носи предноста на домашен терен во евентуалното финале во Плеј офот против екипата на ЖКК Баскет Кам.

Најефикасни во редовите на ЖКК Бадел 1862 беа Нена Трајчевска со 18 и Александра Стојановска со 13 поени. Цветанка Димова постигна 10, Сандра Лазаревска 9 и Сара Максимовска 4 поени.

Најефикасни во екипата на ЖКК Баскет Кам беа Гобељиќ со 23 и Митрашиновиќ со 17 поени.

На останатите два натпревари, на коишто се решаваше пласманот на четвртото место, во Струга, екипата на ЖКК Крива Паланка со победата од 49:38 против екипата на ЖКК Струга го обезбеди посакуваното 4-то место. Екипата на ЖКК Работнички, во скопското дерби загуби од  екипата на ЖКК Вардар со резултат 80:60.

Возбудувањата во женската сениорска кошарка продолжуваат веќе во Петок, со натпреварите од полуфиналето од Купот на Северна Македонија.

04.05.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862