Кошаркарките на ЖКК Бадел 1862 остварија голема победа во супер-дебри натпреварот од 3-то коло на Супер лигата, на гостувањето во Македонска Каменица против екипата на ЖКК Баскет Кам, со што го задржаа 100% учинок во првенството и јасно ставија до знаење дека во завршницата од првенсвото влегуваат како главни аспиранти за шампионската титула.

Во квалитетен и израмнет натпревар, двете екипи периодично се менуваа во водството. Домаќините беа предводени од Митрашиновиќ, додека Стојановска и Трајчевска беа предводници на екипата на ЖКК Бадел 1862. Неизвесноста изостана во последната четвртина од натпреварот, кога баделки со добра игра и во одбрана и во напад, направија разлика од 10+ поени, предност којашто ја сочуваа до крајот на натпреварот, за голема победа над конкурентот за титула со резултат 78:68 (19:19, 21:19, 14:15, 14:26).

Најефикасни во екипата на  ЖКК Бадел 1862 беа Нена Трајчевска со 31 поен и Александра Стојановска со 25 поени. Свој придонес кон победата дадоа и Цветанка Димова со 15 поени, Сандра Лазаревска со 3 поени, Сара Максимовска и Ања Даниловска 2 поени.

Победата има уште поголема тежина ако се земе во предвид отсуството на Јоловиќ и Адамовска поради повреди и Димитријевиќ поради ковид изолација.

Кај домаќинот, екипата на ЖКК Баскет Кам, посебно се истакна Митрашиновиќ, којашто постигна 37 поени.

 

18.04.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862