Со натпреварот ЖКК Вардар – ЖКК Бадел 1862 започна разврската во кошаркарската Супер лига, натпреварот којшто беше прогласен за дерби во првото коло, епитет којшто имаше своја тежина и значење до почетокот на натпреварот.

Мотивираните и желни за натпревари и победи, кошаркарките на ЖКК Бадел 1862 и покрај отсуството на Димова и повредената Јоловиќ, од самиот почеток на натпреварот на противникот му ставија до знаење дека квалитетот е на сино-жолтата страна. Предводени од Нена Трајчевска и Александра Стојановска, баделки првата четвртина ја добија со резултат 23:17. Предноста на баделки континуирано се зголемуваше, така што на паузата по првото полувреме заминаа со 12 поени разлика, 38:26.

Кошаркарките на ЖКК Бадел 1862, својата доминација и разликата во квалитет ја демонстрираа и во второто полувреме, постигнувајќи 57 поени наспроти 24-те примени. Адамовска беше маестрална во организацијата на нападите, Трајчевска царуваше под двата коша, Стојановска неуморно го полнеше противничкиот кош, Максимовска стандардно посветена и во напад и во одбрана, Лазаревска по којзнае кој пат доминираше со пожртвуваната игра во одбрана и напад, младинката Димитријевиќ одлична. Кон крајот на натпреварот, статегот Стамевски и укажа прилика и на 15-годишната Ања Даниловска, којашто на терен ја оправда довербата на тренерот.

Доминацијата на ЖКК Бадел се гледа и низ статистичките параметри, 47 скокови, наспроти 22 на противникот, 17/9 асистенции, 56%/33% севкупен шут,….. Доминираше Нена Трајчевска со 20 поени,  17 скокови и 7 асистенции со индекс 42, Александра Стојановска со 34 поени и  7 скокови со индекс 40. Капитенот Адамовска натпреварот го заврши со 15 поени, 6 скока и 6 асистенции, Максимовска со 11 поени, 3 скока и 2 асистенции, Димитријевиќ со 7 поени и 3 скока, Лазаревска со 6 поени и Даниловска со 2 поени.

Сумарно, моќен почеток на баделки во походот кон нова шампионска титула.

Во редовите на ЖКК Вардар, посебно се истакнаа Петрушевска со 14 поени, Подунавац со 13 и Наков со 11 поени.

 

10.04.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862