Во интервју за СПОРТМЕДИА https://sportmedia.mk/ ,Советничката за Спорт на Премиерот Зоран Заев истакнува:

  • За првпат на позицијата советник за спорт имаме дама….

„Токму така, и сметам дека тоа само ја зацврстува силната заложба и визија на Владата за постигнување на родово-еднаков спорт. Долго време, жените вклучени во спортскиот сектор беа маргинализирани и невидливи и мора да преземеме храбри чекори и да ја промениме ситуацијата“.

  • Кои мерки ќе ги превземете за постигнување на вистинско ниво на родова еднаквост во спортот?

„Ние ја препознаваме значајноста на родовата еднаквост како интегрален дел од концептот на добро владеење и како клучен фактор за позитивен општествен напредок. Спортот се уште важи за машко доминантна област и родовиот јаз во спортскиот сектор е најизразен, односно застапеноста на жени во управувачки органи е 8,9 % наспроти застапеноста на мажи која е 91.1%. Ова укажува дека жените речиси не учествуваат во процесите на донесување на одлуки и креирање на политики во доменот на спортот. Од друга страна пак знаеме дека девојките и жените вклучени во спортот имаат специфични потреби и истите мора да бидат адресирани преку политиките кои ги креираме.

Затоа, еден од приоритетите на Владата е поголема родова застапеност на позиции во управувачки органи во спортскиот сектор, кој до 2021 година предвидува минимум од 30 % вклученост на жени а до крај на 2024 година треба да достигнеме еднаквост со застапеност на 50 % на жени во управувачки органи.

За да ја достигнеме оваа цел, мерката квоти ќе биде застапена и во новиот Закон за спорт и националните федерации и спортските субјекти ќе бидат обврзани да се придржуваат кон мерките за родова еднаквост како услов за јавно финансирање. Истовремено, ќе ги градиме и зајакнуваме капацитетите на жените во спортскиот сектор и ќе реализираме едукација и подигнување на родовата сензитивност во националните спортски федерации и другите спортски субјекти.

Ја активиравме и Работната комисија за родова еднаквост во спортот при Олимпискиот Комитет која ќе соработува со граѓанскиот сектор при застапување за унапредување на родовата еднаквост и правата на жените во спортскиот сектор. Во наредниот период ќе реализираме серија на обуки, работилници и медиумски кампањи за поголема свесност по ова прашање.

Нашиот план е амбициозен, но со добра координација и посветеност веруваме дека е реален и остварлив. Ние кај нас сакаме да го видиме она што веќе е практика во европските земји. Тоа подразбира интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и работење на спортските субјекти, донесување на родово-сензитивни закони и подзаконски акти, вклученост на жените во сите процеси на донесување на одлуки и примена на родово-одговорно буџетирање.

  • Што ќе биде приоритет за следниот период?

„Оваа Влада проактивно се залага за креирање на политики кои се транспарентни и отчетни. Со цел да се унапреди функционалноста и релевантноста на спортските национални федерации и спортски здруженија и клубови, и да се стимулираат понатамошни иницијативи за развој и унапредување на спортот, треба да се развијат транспарентни и отчетни политики во самите спортски  субјекти. Анализите кои ја истражуваат транспарентноста на спортските субјекти укажуваат на недостаток од ваков вид на политики и недоволна заложба за ова прашање. Имено, во иднина бараната државна финансиска поддршка ќе подразбира одговорност на спортските организации, зголемена отчетност и транпарентност, јасна комуникација на нивните резултати во јавноста, практикување на внатрешна демократија и вредности на добро владеење. Овие мерки ќе бидат дел од спортската легислатива и идните политики кои заеднички ќе ги креираме со сите актери од спортскиот сектор.

Понатаму, ќе креираме проактивна политика која цели да го унапреди јавното здравје. Ова е особено важно во период кога граѓаните особено младите поради пандемијата од Ковид-19 поретко практикуваат физичка активност и се принудени да водат седентарен начин на живот. По пример на останатите земји кои обрнуваат посебно внимание на предизвикот со физичката неактивност на населението и постојано иницираат национални програми за да ги поттикнат граѓаните да бидат физички активни, во следниот период, еден од приоритетите е развој на национална програма со цел поттикнување на населението на рекреација и физичка активност.

Секако, родовата перспектива ќе биде вклучена во креирањето на сите идни политики, програми, активности и буџети“.

 

08.04.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862