Сино-жолтиот дрес со број 77 доби свој сопственик. Сениорската репрезентативка Нена Трајчевска ќе биде големо засилување за ЖКК Бадел 1862 во борбата за титула во Првенството и Националниот куп. За порталот на ЖКК Бадел 1862, Нена Трајчевска го даде следното интервју:

Здраво Нена. Пред се, ти посакуваме добредојде повторно во нашиот тим!

1. Дали би сакала накратко да ни раскажеш за твојата кошаркарска кариера и искуство последните неколку години надвор во странство?

После седум убави и трофејни години во Бадел, одлучив да излезам надвор од границите на нашата држава и да видам и искусам различни лиги на професионален план и едноставно сакав и сѐ уште сакам, да се натпреварувам со најдобрите играчи на денешницата и да видам колку јас можам да постигнам, како и да ја претставам Македонија во најдобро светло, на теренот и надвор од него. Започнав во Бор, Србија во прва лига, од таму во Германија во втората лига, каде што ја освоивме шампионската титула и се пласиравме во елитата. По таа сезона се преселив во Шведска, Содертаље, екипа која настапува во првата лига во Шведска и таа година натпреварувавме и во Евро Куп, кое е едно од најмасовните и квалитетни натпреварувања во женска кошарка во Европа. Таа сезона стигнавме и до полуфинале во плејоф разигрувањето во домашната лига, што беше одличен успех и остварување на зацртаните цели на тимот. Потоа од Шведска се преселив во Самсун, Турција, во екстра квалитетната супер лига (топ 3 во Европа според мене) во која настапуваат 3 тимови од Евро лигата и уште 5 од Евро Куп и заедно со руската лига застапуваат највеќе кошаркарки од американската ВНБА лига. Секое искуство на теренот за мене е нешто ново, интересно, за кое се трудам секогаш да го искористам во дадениот момент на максимален начин и лично да немам грам сомнеж дека сум дала сѐ од себе кога ќе погледнам наназад на истите. Контактот, искуствата и мемориите со многу различни луѓе на теренот, но и надвор од него, се непроценливи и немаат замена. Запознавањето на различни култури и начинот на живот преку тие луѓе, е нешто на кое јас се воодушевувам и сум многу благодарна. Дефинитивно тоа го гледам како отварање на нови хоризонти за размислувањето на смислата за живот, покрај нели сите собрани искуства за работата односно професионалниот живот на теренот.

2. Како се чувствуваш по враќањето во Македонија и повторно потпишување со нашиот тим?

Се чуствувам одлично и мотивирано. Целта е јасна, шампионска титула и освојување на националниот куп доколку се одржи. Но, улогата сега ми е многу поразлична од минатите години кога настапував за Бадел. Во целиот овој процес сега, би сакала со моето искуство кое го стекнав овие години да го пренесам колку знам и умеам и да им помогнам на младите кошаркарки од овој клуб. Сѐ со цел, да ги охрабрам и да докажам дека без разлика од каде сме, тие можат да успеат и да постигнат нешто што до сега ниедна кошаркарка од нашата држава не успеала.

3. Што мислиш за моменталната состојба во нашето натпреварување?

Мое лично мислење е дека мора да се подигне играчкиот квалитет на натпреварувањето пред сѐ. А тоа може исклучиво да се постигне со обезбедување на максимално професионални услови за тренинг и натпревари за кошаркарките. Потоа, подобар маркетинг и медиумска покриеност. Тоа се детали кои лесно можат да се направат, само со желба и ангажираност од клубовите, како индивидуално, така и лигата како заедништво. Нормално, сѐ тоа за доброто на сите кои се дел од женската кошарка во Македонија.

4. Кои се твоите очекувања за оваа сезона?

Како што посочив и погоре.. Освојување на двојната круна и издигнување на талентот на младите девојки во Бадел.

 

09.03.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862