Најтрофејниот македонски женски кошаркарски клуб, ЖКК Бадел 1862 Ве информира за активностите во летниот период, по една од најуспешните сезони во нашата историја и пред една од најпредизвикувачките сезони во нашето постоење.

По успешната натпреварувачка 2021/22, во која ја освоивме титулата во домашното првенство, го освоивме инаугуралниот Суперкуп на почетокот на сезоната, игравме во финалето на домашниот Куп и станавме прва македонска екипа која заиграла во Суперлигата на WABA регионалната лига, нашиот клуб се засилува во тренерскиот кадар и во организациските структури. Ќе следува и реконструкција на сениорскиот тим, кој ќе се натпреварува во рамките на следната натпреварувачка година.

Ново име во нашиот стручен штаб е Горан Крстевски Кичо, проверен тренер кој по многубројните титули и успеси во машката младинска и сениорска кошарка, реши да зачекори и во женската. Почестени сме што тоа го прави токму во нашите бои, боите на ЖКК Бадел 1862. Крстевски ќе биде од огромна помош во стручниот штаб кој го сочинуваат тренерите Перо Стамески, Анета Глигорова и Дарко Димитријевиќ.

Воедно, ЖКК Бадел 1862 најавува дека следната сезона ќе настапува со далеку помлада екипа, со свежи сили кои во иднина ќе претставуваат столб на македонската кошарка, нешто што е наша стратегија од првиот ден на нашето постоење.

Бадел, отсекогаш, без разлика под кое име настапувал во минатото бил расадник на талентите и главна потпора на македонската селекција. Многу кошаркарки од нашите младински погони или од сениорската екипа, денес настапуваат низ другите клубови во нашата Прва лига, на што сме особено горди. За имињата на сите кошаркарки кои следната сезона ќе го носат дресот на нашата екипа, ќе бидете благовремено информирани.

Планираме сериозно проширување на младинската школа со што сакаме да добиеме на масовност, на квантитет од кој очекуваме да се појави нов квалитет, по рецептот и стапките кои ги спроведувавме низ историјата и кои не прават еден од најуспешните и најтрофејните колективи во македонскиот спорт, воопшто.

12.07.2022

ЖКК БАДЕЛ 1862