Спуштена е завесата на сезоната 2021/2022 во регионалната WABA лига.

Цинкарна Цеље е новиот регионален шампион. Во големото финале достојно на реномето и квалитетот на WABA лигата ја совладаа екипата на Будуќност Бемакс со резултат 58:51. Во малото финале Орлови со победата над Монтана 2003  со 72:63 стигнаа до 3-то место.

Најтрофејниот македонски женски кошаркарски колектив, ЖКК Бадел 1862 на финалниот редослед го зазеде 8-то место со скор од 5 победи и 13 порази.

Првите сигнали дека баделки ќе одиграат историска сезона во регионалното натпреварување беа видливи уште на премиерниот натпревар од Групата Б, против силниот интернационален состав на  Монтана 2003. Несреќниот пораз од 74:77, како и поразот во второто коло од шампиноскиот состав на Цинкарна Цеље  беа мотивациска бомба во пресрет на следните натпревари од регионалната лига – Група Б.

Први коишто ја почувствуваа моќта на баделки беа кошаркарките на РМУ Бановиќи. 13.10.2022 година ќе биде забележан во македонската женска кошаркарска историја како датум на којшто е забележана првата победа на било која македонска женска кошаркарска екипа во регионалната WABA лига, а ЖКК Бадел 1862 како екипа којашто го остварила овој историски успех. Победата во Бановиќи со резултат 70:57 дополнително влијаеше на зголемување на вербата во себе, вербата во успех…..којашто резултираше со уште една, втора победа на сино – жолтиот колектив, победа против Партизан 053 (73:70) на жешкиот терен во Белград. Полека но сигурно, баделки ја наметнаа кандидатурата за пласман во елитната регионална Супер лига.

Победата над РМУ Бановиќи во Скопје (85:55) значеше дека баделки сами ќе решаваат за историскиот пласман во Суперлигата во директна пресметка со белградски Партизан 053.

15.12.2022 година е денот кога во Скопје се одигра решавачкиот натпревар за пласман во елитата. Вистински спектакл којшто националната МТВ го доближи до сите љубители кошарката во земјата и регионот. ЖКК Бадел 1862 на крилата на огромната самодоверба, квалитет….со огромна поддршка од публиката во салата, ја оствари посакуваната победа (58:46), победа со којашто оствари историски пласман во WABA Суперигата и дополнителни 8 силни натпревари против ремонираните Будуќност Бемакс (вицешампион), Орлови (3-то пласирана), Војводина 021 и Триглав.

Пласманот во елитата е воопшто првиот пласман на било која македонска екипа во регионалната елита.

Баделки беа на чекор од сензација во првото Суперлигашко коло во Бемакс арената во Подгорица. На 05.01.2022 година претрпеа незаслужен пораз од Будуќност Бемакс (69:64). Малерот да биде поголем, во првиот месец од годината баделки влегоа во непосакуваната Ковид 19 машина, што допринесе за значително намалување на ростерот и подготвеноста на екипата пред претстојните натпревари во регионалната елита и борбата за висок пласман.

И покрај сите проблеми од здравствен карактер и големиот  замор на екипата, баделки ја остварија и првата, историска Суперлигашка победа против екипата на Триглав од Крањ (69:44), победа којашто е историски прва победа на било која македонска екипа против било која екипа од Словенија!

Одиграа баделки извонредна сезона во регионалната лига.

Одиграа за угледот и реномето на ЖКК Бадел 1862 и воопшто за угледот и реномето на македонската женска кошарка. Достоинствени во поразите, со гордо крената глава во победите, со цврсто стисната рака на противникот, баделки со однесувањето на теренот и надвор од него ги освоија симпатиите на љубителите на кошарката во регионот.

Пофалби пристигнуваат од сите страни, од клубовите, од раководството на WABA лигата, коешто искажа голема благодарност до ЖКК Бадел 1862 за популаризирањето на WABA лигата преку беспрекорните директни преноси на националната МТВ на натпреварите од Суперлигата, за улогата и значењето на учеството на ЖКК Бадел 1862 во регионалното друштво, за отворената покана за учество и во сезоната 22/23!

А ЖКК Бадел 1862 беше, е и ќе биде лидер, промотор, локомотива на македонската женска кошарка!

Ќе продолжиме со макотрпната и професионална работа како на терен, така и надвор од кошаркарскиот терен, на сите новоа во клубот кон остварување на зацртаните цели: постигнување на врвни резултати и подигнување на нивото на женската кошарка во целост, без разлика дали има поволен ветар или не, дали има пречки или не!

💙💛  ЗА БАДЕЛ!   💙💛

💙💛  ЗА МАКЕДОНСКАТА ЖЕНСКА КОШАРКА!   💙💛

22.03.2022

ЖКК БАДЕЛ 1862