Во Сабота, 19.02.2022 година во СРЦ Кале (голема сала) со почеток во 12:00 часот ќе се одигра првиот полуфинален натпревар од националниот КУП Благоја Георгиевски – Буштур, помеѓу екипите на ЖКК Бадел 1862 и ЖКК Струга.
Своите видувања и очекувања на денешната прес конференција ги изнесоа и претставниците на двата клуба.
Љупчо Павловски, Тим менаџер на ЖКК Бадел 1862: „Можам да кажам дека ова ќе биде најквалитетниот Куп со бројни репрезентативки во редовите на сите клубови учесници. Искуството од поранешните Купови кажува дека тука нема фаворити и се е можно во еден натпревар. Ние одиме чекор по чекор. Прва пречка е Струга која на овој турнир ќе настапи до полн состав па не очекува интересен натпревар“.
Сања Адамовска, капитен на ЖКК Бадел 1862: „Најпрво, сакам да им честитам на сите екипи кои имаат учество на завршницата. Ја знаеме нашата ситуација од минатите искуства, немавме среќа, но оваа година сме многу поквалитетни од изминатите години и со тоа имаме одличен учинок во првенството, се надевам дека тој резултат ќе го завршиме и во Купот. Не чувствуваме притисок за дуелите кои следат, ќе дадеме се од себе прво во полуфиналето, па се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе играме финале. Мотивирани сме и верувам дека нашата напорна работа ќе излезе на површина и ќе дојдеме до посакувана цел, а тоа е трофејот“.
Владимир Ѓоровиќ, тренер на ЖКК Струга: „Посакувам едно успешно Куп-натпреварување за сите, најважно е да сме сите здрави и неповредени по натпреварите. Што се однесува до првиот меч, Бадел 1862 е апсолутен фаворит и не само во нашиот натпревар, туку и општо на Купот каде важи за прв фаворит. Голем плус има и учеството на тимот во ВАБА лигата во која се играат доста квалитетни натпревари. Иако Бадел е апсолутен фаворит, ние нема да се откажеме предвреме и ќе ја бараме нашата шанса. За нас е веќе успех што сме веќе во Купот меѓу четирите најдобри. Што подолго останеме во игра со Бадел 1862, толку поголеми се нашите шанси да изненадиме. Се пошегував на еден прес претходно кога кажав дека ќе се обидам тренерот Перо Стамески да го натерам да земе еден тајм-аут. Сега, целта ми е тој да побара три. Нашиот тим има еден странски член, другите се домашни кошаркарки, па ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло“.
💙💛 НАПРЕД БАДЕЛ! 💙💛
16.02.2022
ЖКК БАДЕЛ 1862