Одличното прво полувреме сепак беше недоволно за изненадување и победа над еден од фаворитите за освојување на WABA лигата, Будуќност Бемакс.
Бадел 1862 – Будуќност Бемакс 59:67 (24:10, 20:19, 6:21, 9:13)
Баделки вечерва фуриозно го започнаа натпреварот. Со одлична игра во одбраната и нападот, со 100% шут од поле, првата четвртина ја завршија со високи +10. Стигнаа баделки до +11 на полувремето од натпреварот.
Сликата на теренот драстично се промени во второто полувреме. Заморот ги стигна нашите кошаркарки, грешките се множеа, а гостинките со агресивна игра од минута во минута ја топеа предноста на баделки. Гостинките до крајот на третата четвртина ја стопија негативата и истата ја завршија со +4. И покрај големата желба и пожртвувана игра, нашите кошаркарки во последниот период не можеа да му се спротивстават на противникот.
Публиката во салата и гледачите крај малите екрани проследија квалитетен и возбудлив натпревар. На кошаркарките на Будуќност Бемакс им честитаме на победата.
И покрај поразот, нашите кошаркарки треба да бидат горди, со високо крената глава! Како и што му доликува на овој состав, во текот на сите 40 минути го дадоа максимумот. Заслужуваат искрени честитки за прикажаното! Оставија срце на терен, до последниот миг се бореа за позитивен исход!
Најефикасни беа Александра Стојановска и Ивана Кметовска со по 18 постигнати поени. Нена Трајчевска постигна 8, Марија Димитријевиќ 6, Цветанка Димова 4, Сара Максимовска 3 и Kaitlyn Mathieu 2 поени.
Во редовите на Будуќност Бемакс, Mina Djordjevic постигна 15, Marija Lekovic и Anastasija Drobnjak по 13 поени.
За нашите кошаркарки време за одмор нема. Веќе од утре започнуваат подготовките за натпреварот од домашната Прва А лига, против Струга во Сабота.
💙💛 ОДИМЕ ПОНАТАМУ! 💙💛
💙💛 НАПРЕД БАДЕЛ! 💙💛
03.02.2022
ЖКК БАДЕЛ 1862