Во тек се подготовките на сениорската женска кошаркарска репрезентација за претстојните Евро – квалификациони натпревари против селекциите на Германија и Босна и Херцеговина (11 и 14.11.2021).

Домашното сениорско првенство е во двонеделна пауза, добродојдена за дополнително полнење на батериите пред завршницата на првиот дел од годинешното првенство. Секако, тоа во целост не се однесува на сино – жолтиот тим поради учеството во репрезентативните активности на нашите кошаркарки Александра Стојановска, Марија Димитријевиќ и Нена Трајчевска.

Првенствената пауза нуди и можност за мал рекапитулар на досега сработеното на кошаркарскиот терен.

Сениорките на ЖКК Бадел 1862 сезоната ја започнаа со трофеј во Супер куп натпреварот. Совладан беше минатогодишниот освојувач на двојната круна, екипата на ЖКК Баскет Кам. Освоениот трофеј беше вовед во исклучително напорна сезона за нашите сениорки, во домашното првенство и во регионалната WABA лига. Среда беше резервирана за натпревари во регионалната лига против исклучително силни противници, додека Сабота/Недела беше резервиран термин за натпреварите од домашното првенство. Исклучително напорениот ритам на натпревари беше надополнет и со обрската за достојно претставување на македонската женска кошарка на меѓународен план. Во досегашните шест одиграни натпревари од WABA лигата, баделки се наоѓаат на одличното 4-то место (коешто води во WABA Супер лигата) со реални шанси истото да го задржат до крајот на првата фаза од натпреварувањето. Историска беше победата во Бановиќи, прва воопшто на некој македонски колектив во WABA лигата, додека регионален потрес предизвика победата во Белград против екипата на ЖКК Партизан 1953.

Во домашното првенство, баделки се на 100% ефект, зачинет со големата победа против ЖКК Баскет Кам во Македонска Каменица.

Сино – жолтиот сениорски тим во досегашниот дел од натпреварувањата, во целост ја оправда довербата и со кренати глави, позитивна атмосфера и голема самодоверба ги очекува следните предизвици во домашното првенство и во регионалната WABA лига.

Пред 10-тина дена започна и првенството за младинки до 16 годишна возраст. По рецептот на повозрасните другарки, и М16 младинките фуриозно и со голема самодоверба го започнаа првенството, со две убедливи победи против екипите на ЖКК Работнички и ЖКК Риниа, победи со коишто го најавија атакот на највисок пласман во првенството.

Следува период во којшто на сцената ќе се појават и трикратните последователни шампионки, сино – жолтиот М18 состав, којшто секако влегува со амбиции за одбрана на титулата…..а на терените ги очекуваме и најмладите, М14 баделки, спремни за натпреварување и амбиции за висок пласман во соодветното првенство.

💙💛ПОБЕДА ИЛИ ПОБЕДА!  💙💛

💙💛 ЕДНОСТАВЕН ИЗБОР!  💙💛

💙💛 СО СРЦЕ ЗА БАДЕЛ!  💙💛

 

09.11.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862