Во натпревар од последното коло од FIBA U18 European Challenger, Група Д, нашата репрезентација ја забележа втората победа. Совладана беше селекцијата на Швајцарија со резултат 68:67 (20:5, 15:18, 15:29, 18:15).

Девојките во црвено одлично го започнаа натпреварот. Одличната игра во одбрана беше главна карактеристика во првиот период, којшто го добивме со високи 15 поени предност. Вториот период од натпреварот донесе израмнета игра од двете репрезентации и на полувреме се замина со 12 поени предност за нашата репрезентација. Следуваше огромен пад во играта на нашата репрезентација во третиот период и резултатски пресврт. Резултатската нишалка беше присутна во последните десет минути, со наизменична предностна двете страни. Дојдоа противничките кошаркарки и до +7 (62:55) во финишот на натпреварот, предност којашто беше анулирана со добра игра во одбраната и нападот. Вистинска драма се случуваше во последните секунди од натпреварот, секунди во којшто нашите девојки успешно ја одбранија предноста од еден поен за конечни 68:67.

Најдобри поединци во нашата репрезентација беа Марија Димитријевиќ со постигнатите 20 поени, 6 скока и 5 асистенции, Ива Чолакоска со 17 постигнати поени, Мартина Блажевска со 14 поени и 7 скока и Нина Зафирова со 13 поени и 7 асистенции.

Во репрезентацијата на Швајцарија, најефикасна беше Stephanie Martinez со 25 поени.

 

01.08.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862