Репрезентацијата на Романија, фаворитот за освојување на првото место во Групата Е, вечерва ги совлада нашите младинки со резултат 78:55 (26:21, 21:4, 19:16, 12:14).

Значително подобрата игра на нашата репрезентација во однос на вчерашниот дуел против Луксембург не беше доволна за поволен резултат во натпреварот против селекцијата на Романија. Клучна за вечерашниот пораз од 23 поени разлика беше втората четвртина, којашто противникот ја доби со 17 поени разлика, за севкупни +22 поени предноста на половина од натпреварот, разлика којашто репрезентацијата на Романија ја задржа до крајот на натпреварот.

Најефикасни во нашата репрезентација беа Тијана Митрева со 20 постигнати поени и Теона Поп Стојанова со 11 поени.

Кај победникот, селекцијата на Романија најефикасни беа Anamaria Pop со 13 и Ana Ion со 11 постигнати поени.

И покрај поразот, нашите репрезентативки вечерва прикажаа значително поквалитетна игра во нападот и одбраната, за што сведочи и преполовувањето на направените технички грешки во однос на претходниот натпревар.

Следуваат два дена одмор за нашите кошаркарки, доволен период за припрема пред следниот натпревар против селекцијата на Словачка, во Сабота во 21 часот, натпревар во којшто очекуваме нашите младинки да ја забележат првата победа на FIBA U20 European Challenger, Група Е.

Во првиот натпревар од денешната програма, селекцијата на Словачка ја совлада репрезентацијата на Луксембург со резултат 67:47.

 

14.07.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862