Женската кошаркарска репрезентација за кошаркарки до 20 годишна возраст со пораз го започна настапот на FIBA U20 European Challenger, Група Е.

Вечерва, во СРЦ Кале, нашите кошаркарки беа поразени од соодветната селекција на Луксембург со резултат 79:55 (15:10, 19:19, 17:14, 28:12), натпревар во којшто селекцијата на Луксембург се претстави во подобро светло, со континурано водство во текот на целиот натпревар. Нашите кошаркарки во неколку наврати успеваа да се доближат до негатива од 4 и 2 поени (во третата четвртина), меѓутоа во последната четвртина, благодарение на нашите грешки во одбраната и нападот, девојките во сини дресови ја направија одлучувачката разлика за убедлива победа од 24 поени разлика.

Натпреварот ќе го одбележат 33-те грешки на нашите кошаркарки наспроти 22 на противникот, 40 скока наспроти 50 на противничката екипа, показатели коишто ја прикажуваат и разликата на крајот на натпреварот.

Најефикасни во нашата репрезентација беа Тијана Митрева со 16 поени, Елена Тасевска и Наталија Секуловска со по 10 постигнати поени. Најдобра под кошевите беше Матеа Николиќ  со 9 скока.

Во репрезентацијата на Луксембург најефикасна беше Kim Sowa со 17 постигнати поени.

На нашите кошаркарки им посакуваме што побрзо да го заборават овој натпревар и психолошки растеретени, со кренати глави да се припремат за утрешниот натпревар против репрезентацијата на Романија.

Во првиот натпревар од Групата Е, репрезентацијата на Словачка ја совлада селекцијата на Косово со резултат 71:38.

 

13.07.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862