Утре, 08.05.2021 година со почеток во 17:00 часот во директен пренос на МТВ 3, во СРЦ Кале во Скопје ќе се одржи финалниот натпревар од годинешниот КУП “Благоја Георгиевски Буштур” помеѓу екипите на ЖКК Бадел 1862 и ЖКК Баскет Кам. Тоа ќе биде натпревар на двете најквалитетни македонски екипи, натпревар помеѓу екипите коишто ќе ги вкрстат копјата и во разигрувањето за титулата во домашното првенство.

Екипата на ЖКК Бадел 1862 во својата историја има учествувано на 20 финални средби од вкупно 27 финалиња на  кошаркарскиот Куп, и тоа на 13 под името ЖКК Вигор и на 6 како ЖКК Бадел 1862. Во одиграните 20 финални средби, 13 пати ја има честа да го освои победничкиот пехар. Утрешното финале, 7-мо последователно, баделки ќе се обидат во своите витрини по 14-ти пат да го донесат победничкиот пехар и покрај тоа што ќе настапат значително ослабени поради отсуството на капитенот Сања Адамовска и Драгана Јоловиќ. Противник во финалето ќе биде екипата на ЖКК Баскет Кам, којашто пласманот во финалето го обезбеди со лесната победа против екипата на ЖКК Вардар со резултат 95:59.

Утрешното финале ќе биде вистинска ревија на репрезентативките Стојановска, Трајчевска, Димова, Лазаревска, Димитријевиќ од редовите на ЖКК Бадел 1862, како и Митрашиновиќ, Поп Димитрова, Кметовска и интернационалките Гобељиќ и Брајковиќ од редовите на ЖКК Баскет Кам.

Натпреварот ќе биде директно пренесуван на МТВ 3.

07.05.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862