Кошаркарската Супер лига дојде до својот крај, преостанува да се одигра уште Плејоф завршницата, после која ќе биде познат новиот шампион. Шесте Суперлигашки екипи, се подредија во горе-долу очекуван редослед: Бадел 1862, Баскет Кам, Вардар, Крива Паланка, Работнички и Струга.

ЖКК Струга и покрај интернационалните засилувања во пресрет на Супер лигата не успеа да се избори за пласман којшто води во Плејофот. ЖКК Работнички до последен момент го имеше 4-тото место коешто водеше во разигрувањето за шампионската титула, меѓутоа во последното коло поради послабиот меѓусебен скор четвртото место мораше да и го препушти на екипата на ЖКК Крива Паланка, на најмладата екипа во Суперлигашката конкуренција, којашто во пресрет на почетокот на Супер лигата се засили со искусен интернационален тренер и две искусни интернационалки од Србија. Кошаркарките од Крива Паланка со победата во последното коло против ЖКК Струга сепак изборија билет за Плејоф натпреварите. Трето пласираната екипа на ЖКК Вардар одамна се имаше позиционирано на третото место, со речиси никакви шанси да падне подолу на табелата. Второпласираната екипа, ЖКК Баскет Кам, претендент за првото место,  Супер лигата ја започна засилена со репрезентативката Митрашиновиќ, а во финишот се засили со две искусни интернационалки од Србија, Гобељиќ и Брајковиќ, како и Сара Петровска од Про Баскет – Кавадарци.

Првопласирана во Суперлигашкиот дел е екипата на ЖКК Бадел 1862. Во текот на целата сезона, баделки го имаа запоседнато првото место,  при тоа покажувајќи најголема константност во играта и резултатите, и покрај тоа што поради потешки повреди и корона последици сезоната ќе ја финишираат значително ослабени, без услугите на капитенот Сања Адамовска и повредената Драгана Јоловиќ. Сепак, квалитетот и искуството Нена Трајчевска, Александра Стојановска и останатите кошаркарки им даваат реални шанси за успех во преостанатиот дел од натпреварувањето.

 

05.05.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862