Возбудувањата во женската Супер лига ќе кулминираат утре, кога ќе се одигра последното коло. Епилогот ќе го дознаеме околу 20:30 часот, по завршување на последниот натпревар.

Пол позицијата ќе се одлучува во салата Независна Македонија, во Скопје. Двете најквалитетни екипи, ЖКК Бадел 1862 и ЖКК Баскет Кам, во меѓусебниот дуел ќе одлучат која екипа ќе го освои првото место и ќе се стекне со предност на домашниот терен во Плеј оф натпреварите. Пред почетокот на натпреварот, екипата на ЖКК Бадел 1862 е во предност над интернационалниот состав на ЖКК Баскет Кам поради победата на гостинскиот терен во Македонска Каменица со 10 поени разлика. Со победа баделки не само што ќе ја задржат првата позиција, туку и ќе се стекнат со предност од 1:0 и мајсторка на домашен терен во евентуалното финале против ЖКК Баскет Кам. Првото место и предноста на мајсторка на домашен терен баделки ќе ја имаат и при евентуален пораз со помала разлика од 10 поени. Пошироката публика надмудрувањата помеѓу репрезентативките Трајчевска, Стојановска, Димова, Лазаревска од редовите на ЖКК Бадел 1862 и репрезентативките Митрашиновиќ, Кметовска, Поп Димитрова и интернационалките Гобељиќ и Брајковиќ во редовите на ЖКК Баскет Кам, ќе можат да ги проследат преку LIVE STREAM (04.05.2021, 18:00), а линкот ќе биде објавен денес во попладневните часови.

На натпреварите ЖКК Струга – ЖКК Крива Паланка и ЖКК Вардар – ЖКК Работнички ќе се одлучува која екипа ќе го освои четвртото место, коешто води во Плеј оф натпреварите. ЖКК Работнички е во предност од една победа во однос на екипата на ЖКК Крива Паланка. Со евентуална победа во Струга и пораз на ЖКК Работнички, екипата на ЖКК Крива Паланка, поради подобриот меѓусебен скор, би го резервирала четвртото место. Од друга страна, ЖКК Работнички, со победа над ЖКК Вардар, без разлика на резултатот на теренот во Струга, би ја сочувал четвртата позиција. LIVE STREAM е обезбеден и од овие два натпревари.

03.05.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862