Индивидуалните достигнувања и во изминатото 3-то коло од Супер лигата покажуваат извесна константност на кошаркарките.

Нена Трајчевска, кошаркарката на ЖКК Бадел 1862, втор пат во изминатите 3 кола е играч со најголем индекс. На натпреварот против ЖКК Баскет Кам, репрезентативката Нена Трајчевска, за 39:29 минути поминати на паркет, постигна 31 поен, реализираше 15 скокови, 2 асистенции и 2 блокади, за севкупен учинок од 37 индексни поени.

Забележителен настап во сино-жолтата екипа, според вкупниот учинок имаа и Цветанка Димова, со 15 постигнати поени, 9 скока, 2 асистенции и 2 освоени топки, за севкупно 22 индексни поени и Александра Стојановска, со постигнати 25 поени, 6 скока, 4 асистенции и 6 освоени топки, за севкупен учинок од 21 индексен поен.

Во екипата на ЖКК Баскет Кам, најдобар поединец беше Митрашиновиќ со постигнати 37 поени, 7 скока, 3 асистенции и 1 блокада, за севкупен учинок од 22 индексни поени.

На натпреварот во Крива Паланка, најголем придонес во победата екипата на ЖКК Струга имаа Лаковиќ со 21 поен, 13 скока, 4 асистенции и 4 освоени топки, за вкупно 34 индексни поени, втор најголем учинок во 3-то коло, како и Спаиќ, со 24 постигнати поени, 2 скока, 5 асистенции и 4 освоени топки, за вкупно 21 индексен поен.

Кај поразента екипа, ЖКК Крива Паланка, посебно се истакна Марјановиќ, со 25 постигнати поени, 16 скока и 2 блокади, за севкупен трет учинок во 3-то коло од 28 индексни поени.

Во скопското дерби помеѓу ЖКК Вардар и ЖКК Работнички, кошаркарката на ЖКК Вардар, Подунавац, 20-те индексни поени ги заслужи со 18-те постигнати поени, 5 скока, 1 асистенција, 3 освоени топки и 1 блокада.

 

19.04.2021

ЖКК БАДЕЛ 1862